Поради појава на силен ветер од југозападен правец на патниот правец А2 Гостивар-Стража-Кичево, кај клучка „Гостивар“ паднале семафор и една канделабра кои од екипите на ЈП „Македонија пат“ биле навремено отстранети од коловозот, информираат од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).
На истиот патен правец, на неколку места имало и паднати дрвја на коловозот кои биле навремено отстранети од дежурните екипи на АМСМ.
– На патниот правец Скопје-Тетово пред Карпалак поради силниот ветер имаше паднато дрво кое од нашите дежурни екипи е отстрането од коловозот. На регионалниот патен правец Р1206 Тетово-Скопје поради силниот ветер има паднати дрва на коловозот и дежурните екипи на ЈП „Македонија пат“ работат на нивно отстранување и нормализирање на сообраќајот. Поради овие временски прилики на учесниците во сообраќајот им се препорачува внимателно возење, прилагодување на брзината спрема условите на патот како и почитување на поставената сообраќајна сигнализација, посочија од од АМСМ.
