Вознемирувачки пораки од адреса „Судска полиција“ и денеска пристигнуваат во електронските сандачиња на граѓаните. Во таканареченото „Судско барање“, се злоупотребуваат ознаките на македонската полиција и Интерпол, како и потписот и името на директорот на Бирото за јавна безбедност.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека се работи за обид за измама во меѓународни рамки и апелираат до граѓаните да не наседнуваат на овие лажни електронски пораки.
Деновиве во МВР пристигнаа пријави од граѓани за добиенa електронска порака наводно во име на директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, во наводна соработка со Европол, во која во вид на некакво барање за судско појаснување, примачот на пораката се известува дека е предмет на наводни правни постапки за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено. Притоа, примачот на пораката се повикува да го контактира испраќачот со некакво објаснување за наводните дела. МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на МВР, ниту од која било институција за спроведување на законот. Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на испраќачот со цел нивна понатамошна злоупотреба. Затоа апелираме на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, а уште помалку да се контактира испраќачот преку доставениот линк и да се споделуваат личните податоци кои ќе ви бидат побарани, информира МВР.
Од МВР предупредуваат и да не се отвораат линковите и датотеките кои се испратени во прилог на мејл-пораката која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на компјутерските системи на граѓаните од малициозен софтвер.
Воедно, информираме дека ваквите обиди за измама се со меѓународен предзнак, имајќи предвид дека електронски пораки со слична содржина во изминатиот период беа испраќани и на граѓани во земјите од регионот, наведуваат од МВР.
Од таму не наведуваат како или дали во иднина ќе ги спречат ваквите сајбер-измами, имајќи предвид дека поголема измама се случи и со Управата за јавни приходи, каде е изработена лажна веб-страница на УЈП, од каде се испраќаат пораки за некакво задолжително пријавување на лажен линк.