Петгодишно девојче почина од повредите здобиени во тешка сообраќајна несреќа во Краљево, Србија, откако автомобил излетал од коловозот и удрил во семејство кое се движело по пешачко-велосипедистичка патека. Тешко се повредени и мајката на девојчето и нејзината едногодишна сестра.

Несреќата се случила синоќа околу 19 часот на улицата „Четврти краљевачки баталјон“. Според српската полиција, 26-годишниот Ј.А. управувал автомобил „сеат“ и при престигнување удрил во „фолксваген“ кој се движел од спротивната насока. По судирот, автомобилот преминал на патеката за пешаци и велосипедисти, удрил во дрво, а потоа и во пешаците.

Петгодишното девојче со повреди опасни по живот било пренесено на Универзитетската детска клиника во Белград, каде подоцна починало. Нејзината 32-годишна мајка и едногодишната сестра, која била во детска количка, се тешко повредени. Таткото на децата се здобил со полесни повреди.

Полицијата го уапсила 26-годишниот возач, а при проверката било утврдено дека тој немал возачка дозвола. Одредено му е задржување до 48 часа, по што со кривична пријава треба да биде изведен пред Вишото јавно обвинителство во Краљево.

Моментот на несреќата бил снимен од безбедносни камери, а видеото се прошири на социјалните мрежи.