„Бонус плати за вработените во МВР со над 150 часови прекувремена работа во 2022 година“. Ова го најави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во февруари годинава.

Но, наместо мерка вредна за пофалба, ова стана само едно од низата лажни ветувања со кои се манипулираат вработените во Македонија.

-Откако го преземав раководењето со МВР, како приоритет се воспостави редовната исплата на бонус плати за над 150 изработени часови прекувремена работа на годишно ниво, како гарантирано право на вработените во МВР согласно Колективниот договор. Така, во периодот од 2017 до 2022 исплатени се бонус платите за 2017 и 2018, за коишто не беа обезбедени и исплатени средства од претходното раководство на МВР, а продолживме и со редовна исплата на бонус платите за 2019, 2020 и 2021 година, за што вкупно беа обезбедени и издвоени 561.773.133 денари или 9.060.857 евра, средства од Буџетот на МВР предвидени за остварување на ова право на вработените, напиша Спасовски на својот Фејсбук профил, пред три месеци.

Вработените во МВР не видоа ниту еден денар од ова ветување од Спасовски.

КУРИР во два наврати испрати прашања до МВР на оваа тема, но од таму одговор немаме добиено.

Вработените во МВР на кои, според најавата на Спасовски, треба да им следува оваа бонус плата, велат дека се чувствуваат изманипулирано по којзнае кој пат.

Министерот и министерството треба да покажат доблест и да одговорат на прашањата зошто не го исполнија ветувањето и кога вработените ќе ја добијат својата бонус плата!