Со изведба на „Тешкото“ од Глигор Смокварски денеска вработените во Македонска филхармонија одржаа протест пред Владата, поради одлуката новоформираниот Џез оркестар просторно да биде сместен во објектот на оваа институција.

Претседателот на Синдикатот на Филхармонија, Владимир Лазаревски на протестот упати апел за средба со премиерот Димитар Ковачевски за побрзо надминување на овој проблем.

-По протестите изминатиот период пред Министерството за култура, кое донесе штетна и нетранспарентна одлука без наше знаење и зад затворени врати, ги продолжувем протестите и денеска пред Владата и бараме итна средба со премиерот за побрзо надминување на проблемот во кој сме втурнати без наша вина, изјави Лазаревски.

Според Лазаревски, Филхармонија сосема непотребно е ставена во ситуација која мора да биде надмината и апелираат што поскоро да се најде решение.

-Потсетуваме дека и покрај известувањето на Министерството за култура дека работат интензивно на проблемот со сместување на новоформираниот Џез оркестар во Филхармонија, до моментот не го решија проблемот, односно одлуката на Владата да ја смени местоположбата не е променета. Затоа, апелираме и до премиерот да се вклучи во решавање на проблемот и на следната владина седница да се заложи за промена на адресата на новоформираната институција, додаде Лазаревски.

Тој потсети дека НУ Филхармонија е првиот и единствен симфониски оркестар во земјава.