Независниот синдикат во ЈСП Скопје најави дека членовите – возачите на градските автобуси од среда ќе протестираат поради малите плати и тешките услови за работа.

Раководството на ЈСП Скопје, ги обвини дека се политички мотивирани и оти штрајкот ќе биде на штета на граѓаните.

Велат дека Управниот одбор на 19 април годинава ги прифатил барањата на Независниот синдикат и донел одлука за линеарно зголемување на платите во износ од 2 800 денари.

„Поради ова ги осудуваме ваквите дејствија и апелираме дека со политички мотивирани манипулации поттикнати од центри на политичка моќ нема да се придонесе кон развој и унапредување на статусот на вработените во ЈСП Скопје, туку, напротив ќе доведат до непоправлива штета која негативно ќе влијае врз работните процеси и статусот на вработените во претпријатието, како и за граѓаните воопшто“,велат од раководството на ЈСП.