Програмерите не се на врвот на листата по највисоки плати во Македонија, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Највисоки плати земаат работниците во секторот „воздухопловен транспорт“, каде за месец декември е исплатена просечна нето плата од 94 537 денари. Нивните плати од декември лани пораснале 4,8%. Следни на листата се компјутерџиите. Во секторот „компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности“, Државната статистика измери просечна плата од 88 192 денари, што е раст од 12,3% споредено со истиот месец лани. Трети на оваа листа, најплатени работници, се вработените во „дејности за изнајмување и давање под закуп (лизинг), каде во декември лани исплатена е просечна плата од 78 405 денари.

Растот на нивните плати е поприлично голем, со оглед на тоа што за една година тие пораснале за 16,9%. Во групата на работници чии плати изнесуваат над 1 000 евра влегуваат и вработените во „информации и комуникации“ со 65 917, „складирање и помошни дејности во превозот“ со 65 224 денари просечно исплатена нето плата.