Директорот на Домот за јавно здравје – Скопје, Вулнет Селими, во статус на Фејсбук најави санкции за одговорните поради пуштање на прегласна музика во поликлиниката во Драчево.
Во Поликлиниката во Драчево во Скопје не се почитувал редот и мирот на работното место, бидејќи вработените на неконтролиран начин пуштиле да се слуша музика низ сите ходници на поликлиниката со што биле вознемирени пациентите.
На ова реагираше и директорот на Домот за јавно здравје во Скопје, Вулнет Селими, кој преку статус на Фејсбук рече дека ќе се преземат мерки за вработените, а негова информација е дека се работело за веселба поради испраќање на некое од службените лица во пензија.
„По објавувањето на видео снимка од внатрешноста на поликлиниката Драчево, на која се слушаа песни со исклучително висок глас, што е надвор од секоја етика и прописи, пред неколку моменти ја посетив оваа поликлиника. Одговорниот лекар ми потврди дека таа сцена се случила минатиот четврток, оправдувајќи ја по повод пензионирањето на вработен на Клиниката, што и според него е над нормалното. За овој пропуст ќе бидат преземени дисциплински мерки и против управителот на клиниката и против дежурниот лекар одговорен на денот кога се случила оваа сцена. Ваквите сцени не можат да се толерираат во амбиенти каде што луѓето одат да ја добиваат потребната медицинска помош“, објави Селими.