Свеченостите на годинешните „Прличеви беседи“ продолжија денеска со централнот настан, доделувањето на наградата на лауреатот Трајче Кацаров, авторот на поемата „Цветко“ избрана за најдобра на традиционалниот конкурс што се објавува во чест на охридскиот поет и преродбеник Григор Прличев.
За животниот пат и творештвото на Кацаров пред присутните во Центарот за култура свое обраќање имаше драматургот Зоран Пројкоски. Претставувањето на наградената поема „Цветко“, нејзините литературни и уметнички вредности пред присутните ги образложи претседателката на жири-комисијата Маја Јакимоска Тошиќ, а делови од поемата рецитираа актерите Билјана Билаловиќ и Павел Маслов.
Наградениот автор Кацаров се заблагодари за наградата, истакнувајќи дека во своето творештво секогаш се потпира на делата на големите писатели, поети и филозофи, прибележувајќи одредени мисли кои понатака во процесот на творечката имагинација секогаш ја имаат во себе потребата да си биде љубен зошто, како што рече, „поетот не постои без љубовта“.
Пред учесниците на свеченоста зборуваше и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кој истакна дека македонското поетско творештво, заедно со делото на македонскиот и светски книжевен великан и преродбеник Прличев, од годинава е збогатено е со уште една поема, уште едно книжевно современо остварување со кое се продолжува традицијата на прличевите „Сердарот“, „Скендербег“…
– За нас Григор Прличев, бил и ќе остане не само врвна книжевна преродбеничка фигура, туку и народен трибун, човек кој влевал надеж за национално будење и културно самоидентификување. Во тој дух се и идеите на „Сердарот“ и „Скендербег“ поврзани со борбата за народна слобода и заштита на сиромашните, гладните и унесреќените, рече Пецаков.
Во продолжение на денешната програма, беше промовирана монографијата “Прличеви беседи (1952-2022) Хроника на еден културен настан“ од авторите Гордана Змејкоска и Милчо Јованоски.
Чествувањата за Прличев во Охрид ќе бидат заокружени утре со панихида што во 11 часот ќе се служи на гробот на Прличев, додека напладне кај паметникот на охридскиот Хомер беседа ќе одржи Зоран Пејковски од Друштвото на писатели на Македонија, а ќе бидат и врачени наградите за најдобрите литературни творби по конкурсот распишан од ОУ „Григор Прличев