„Вреди“: Историска инвестиција – 6 милијарди евра од Британија за развој на Македонија без дискриминација
Северна Македонија влегува во нова фаза на развој и модернизација благодарение на историската инвестиција од 6 милијарди евра обезбедени од Обединетото Кралство. Владината коалиција „Вреди“ ја поздрави оваа стратешка соработка и ја оцени како силен показател на меѓународната доверба во новата визија на Владата.
„Ова е порака дека Македонија оди напред. Во рамките на стратешкото партнерство ќе се реализираат капитални проекти со директен импакт врз секојдневието на граѓаните“, се вели во соопштението на „Вреди“.
Крупни инфраструктурни проекти за здравство и транспорт
Како дел од договорот, најавена е изградба на нова модерна болница и здравствен центар во Кичево, целосна реконструкција на Клиничката болница во Тетово и завршување на Клиничката болница во Штип, заедно со изградба на нов Медицински факултет кој ќе биде во согласност со најсовремените стандарди.
Еден од клучните проекти е модерната железничка линија од Табановце до Гевгелија, која ќе овозможи побрз и ефикасен транспорт и подобра поврзаност со регионот и Европа.
„Вреди“: Инвестициите ќе стигнат до секој регион – еднакво и праведно
Од коалицијата „Вреди“ истакнуваат дека ќе се грижат секој евро од оваа инвестиција да стигне и до регионите кои со децении биле запоставени.
„Ќе се погрижиме оваа историска можност да се претвори во вистински просперитет за сите граѓани – без разлика на етничка или географска припадност. Од Липково до Струга, ќе се работи на еднаков пристап кон инвестициите“, се вели во соопштението.
Коалицијата, која ја претставува волјата на албанските граѓани и сите граѓани на земјата, порачува дека оваа инвестиција нема да остане само на хартија, туку ќе биде моторот на реална трансформација.
„Ова е нашата визија – праведна, функционална и развиена држава, во која секој граѓанин ги чувствува придобивките од реформите и меѓународната поддршка“, порачаа од „Вреди“.