Коалицијата Вреди од локалните избори излегува како втора политичка сила на државно ниво, со десет освоени општини, и како апсолутен победник во албанскиот табор, изјави денеска на прес-конференција портпаролот на коалицијата, Дритон Сулејмани.
„Локалните избори запечатија нова политичка реалност во Северна Македонија. Резултатите се јасни, но пораката на граѓаните е уште појасна. Ерата на старата политика е завршена. На овие избори, граѓаните гласаа за работа, за одговорност и за политика што дава резултати. Тие дадоа поддршка на визијата на Вреди за локален развој и за нов стандард на управување базиран на чесност и ефикасност,“ изјави Сулејмани.
Тој нагласи дека во Тетово победиле „интегритетот и визијата на Билал Касами“, кој го претворил градот во симбол на промени и одговорно управување.
„Во Боговиње, граѓаните му ја дадоа довербата на Фети Абази, архитектот кој со знаење и посветеност ќе ја ревитализира општината. Во Теарце, по дваесет години непроменета власт, дојде долгоочекуваната промена и граѓаните му ја доверија мандат на Даут Мемиши. Тоа само по себе е извонреден успех. Во Чаир, на Изет Меџити, каде што ДУИ се обиде да ја претвори трката во ‘референдум за опстанок’, чаирчани јасно рекоа ‘Не’. Општината не е отскочна даска за спасување на никого,“ рече Сулејмани.
Коалицијата Вреди, освен овие општини, победи и во Сарај, Арачиново, Желино, Дебар, Струга и Долнени.
„Овој резултат е повеќе од изборна победа – тоа е епохална промена во политичкото претставување на Албанците. По 23 години доминација на политика отсечена од граѓанинот, Албанците избраа нов модел – политика на одговорност. Вреди го чита овој резултат како почеток на нова етапа, каде што ќе се управува со европски стандарди и со целосно почитување на граѓанинот,“ додаде портпаролот, изразувајќи благодарност до сите граѓани и активисти што учествувале во изборниот процес.
