Мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со силни пораки до граѓаните за историска трансформација на Македонија. Тој застана пред пратениците и ја образложи програмата за која тој ветува силна економија, многу проекти, а најави и странска инвестиција веќе следната недела.

Мицкоски повика на единство – економијата главен приоритет

Време е да ги засукаме ракавите. Повикувам на единство и заедничка работа, за иднината на нашите деца, за подобар живот. Ова во експозето од собраниската говорница го изјави мандатарот Христијан Мицкоски кој најави нови капитални инвестиции и проекти за економско зајакнување на Македонија.

Христијан Мицкоски пред пратениците најави дека веќе од идната недела се очекува и промоција на инвестиција од 400 милиони евра. Најави намалување на даноците и зголемени пензии, економски раст од 5% и годишна инфлација од 2%.

„Нема да имаме меден месец“ – Мицкоски најави инвестиции веднаш

„Доаѓа часот кога татковината треба да направи повеќе за граѓаните. Според сознанијата што ги имаме, ситуацијата во повеќе области е рамна на клиничка смрт, институциите се доведени до колапс. Одлучно ќе одговориме и за сè јавноста ќе биде известена. Нема да барам 100 дена меден месец, туку најавувам инвестиции веднаш, веќе во вторник инвестиција повеќе од 400 милиони евра“, изјави Мицкоски.