Владата предводена од Мицкоски ниже резултати и реформи
Од масовниот митинг во Дојран, вицепремиерот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски порача дека е време промените што се случија на централно ниво да продолжат и на локално. Пред голем број граѓани, Николоски истакна дека досегашното локално раководство ја пропуштило шансата за развој, а новата влада веќе покажува дека знае како да создаде резултати.
„Навистина убава и импресивна бројка, одамна не сме виделе толку луѓе тука. Ви благодарам на сите кои што сте тука. Ова е одлична најава за победата што ја очекуваме на 19 октомври,“ рече Николоски.
Тој потсети дека Владата, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, за само една година и три месеци спровела серија реформи и економски мерки кои, како што нагласи, донеле „економски препород за Македонија“.
„После промените кои што минатата година се случија на централно ниво и веќе имаме влада која ниже резултати и реформи, време е промените да се случат и на локално ниво,“ изјави Николоски.
Ќе се истражи сè што се правело – Дојран мора да се заштити
Вицепремиерот ги обвини локалните власти за, како што рече, злоупотреби и урбано дивеење кое ја загрозило природната убавина на Дојран и предизвикало проблеми со водоснабдувањето.
„Прво детално треба да се истражи што работеше досегашниот градоначалник. Замислете, сите овие населени места што гравитираат кон езерото не ги водеа како населени места. Сè што гледате како викендици и станови се водеше вон населено место, па урбанизацијата одеше набрзина, без дозволи и контрола,“ изјави Николоски.
Тој додаде дека со промената на правилниците и политиките, владата ставила крај на ова „дивеење“ и најави дека слични акции ќе следат и во Дојран.
„Со изборот на новата влада се променија правилниците. Големото дивеење што постоеше и кај Мавровското езеро е запрено. Се надевам дека по изборот на нов градоначалник, и овде ќе може да истражиме што, како и зошто се правело,“ рече Николоски.
Системот веќе функционира – Дојранското Езеро се полни
Николоски го пофали ангажманот на премиерот Мицкоски за обновување на системот за одржување на Дојранското Езеро.
„Сакам да му дадеме признание на премиерот затоа што ова што го гледате денес немаше да биде возможно без него. Со неговата акција и заложба денеска веќе Дојранското езеро се полни, системот функционира,“ изјави Николоски.
Во завршницата од говорот, тој ги повика граѓаните на масовна излезност на изборите на 19 октомври.
„Почитувани пријатели, ве поканувам масовно да излезете на 19 октомври. Да ги поканите сите кои ги познавате да гласаат за бројот 9 – за мнозинство во советот и за нов градоначалник на Дојран од ВМРО-ДПМНЕ. Да видиме што се правело, а потоа заедно да работиме. Да живее Дојран, да живее Македонија!“ порача Николоски.