Минатиот месец, октомври, беше еден од најтоплите во Европа, а и овој ноември би можел да стане еден од најтоплите ноемвриски месеци во изминатите децении.

Следната седмица во Македонија, односно во периодот од 16 до 23 ноември, носи големи временски турбуленции. Следува ново силно јужно и југозападно воздушно струење кое повторно значително ќе ги покачи температурите на воздухот. Тие особено на средината и кон крајот на работната седмица ќе бидат за 8 до 10 степени повисоки од просечните за ноември и ќе се искачуваат во интервалот од 16 до 24 степени. Во Скопје и околината температурата повторно ќе надмине 20 степени и ќе достигне до околу 24 степени.

Регионот ќе биде под влијание на серија влажни воздушни бранови од запад кои ќе условат локални врнежи од дожд, кои повремено ќе бидат пообилни. Најобилни врнежи во споменатиот период ќе има во западните предели, каде што ќе има услови и за локална појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен, а од среда, 18 ноември, па во деновите потоа, силен ветер од јужен и југозападен правец, кој повремено и локално повторно ќе достигнува брзина до околу 70 до 80 километри на час.

Во Скопје и околината во овој период исто така ќе дува умерен до засилен јужен ветер, кој од среда, 18 ноември, повремено ќе засилува. На подрачјето на главниот град ќе има услови и за повремени, но послаби врнежи од дожд.