Стабилизирањето на времето, со повремена облачност и услови за повремен дожд, ќе им овозможи на земјоделците и иднава недела да проодлжат со резидба на виновата лоза и овошките.

Според агрометеоролозите, времето ќе биде погодно и за подготовка на површините во пластеничкото проиводство, како и за евентуално прихранување на есенските посеви.

-Нареднава седмица се очекува стабилизирање на времето, со повремена облачност во првата половина и услови за повремен дожд во втората половина, особено во четврток. Утринските температури ќе се движат 1 до 6 степени, а дневните од 8 до 14 во јужните делови. Ваквите временски услови ќе им овозможат на земјоделците да ги вршат и понатаму резидбите на виновата лоза и овошките, припрема на површините во пластеничкото проиводство и евентуално прихранување на есенските посеви, велат од УХМР.

Променливото време од почетокот на претходната недела, кое донесе нови врнежи снег и на пониските места, но ја зголеми и снежната покривка на планините, е добро од хидролошки аспект, велат агрометеоролозите. Тоа, додаваат, влева надеж за полнење на акумулациите, кои се на многу ниско ниво.