СДС уште еднаш ја демонстрира својата, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, целосна бесрамност. Во реакција од владејачката партија се наведува дека истата таа партија која некогаш се обидувала да ја претвори Македонија во поданик на туѓи интереси – обид што, според нив, бил спречен благодарение на отпорот од граѓаните – сега повторно ги повторува истите постапки.
„Тие што името, историјата и достоинството на државата ги тргуваа како на попуст во трговски центар, денес глумат загриженост за некаква ‘надворешна изолација’. Но не постои изолација – постои само нивна желба да се врати времето кога странски политичари беа поважни од народот. Тоа време заврши“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата нагласуваат дека денешната влада стои исправено, за разлика од, како што велат, претходната која клечела
Болката на домашните колаборационисти
- „Денес премиерот се среќава со светски лидери, а не со советници од втор ред од странски фондации. Македонија не е ничиј експеримент. Македонија се исправува со достоинство – и токму тоа најмногу ги боли домашните колаборационисти од СДС и ДУИ“, стои во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ исто така посочуваат дека додека СДС зборува за „дебакл“, граѓаните се сеќаваат како нивните кадри ја клекнаа државата. „Додека дома зборуваат за правда и еднаквост, бараат ‘златна виза’ за Дубаи. Тоа е СДС – едно зборуваат, друго прават“, потенцираат од владејачката партија.
„Повикуваат на транспарентност, а бегаат во песочни палати на Блискиот Исток. Глумат патриоти, а први ги продаваат националните интереси. Глумат моралисти, а се први кога станува збор за личен интерес. Оваа Влада нема да ви го исполни тој сон. Нема да има амнестии. Ќе има правда. А колку повеќе вриштите, толку појасно е дека вистината ве боли“, се заклучува во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.