Променливо облачно и студено време со повремени локални врнежи од снег се очекува во текот на ноќта и утрешните претпладневни часови, информираат метеоролозите. Снежните врнежи ќе бидат поизразени во првиот дел од денот, а попладне постепено ќе престануваат.
И покрај престанокот на врнежите, студеното време ќе се задржи во текот на целиот ден. Ќе дува умерен северен ветер, кој долж Повардарието ќе биде засилен и на места ќе надминува брзина од 60 километри на час.
Надлежните апелираат на зголемена внимателност кај граѓаните, особено во утринските часови, поради можност од заледени коловози, како и поради силниот ветер кој може да предизвика отежнат сообраќај.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 степени во Маврово до 5 степени во Гевгелија, додека максималните дневни ќе достигнат од -1 степен во Маврово до 5 степени Целзиусови во Гевгелија.
Во Скопје се очекува променливо облачно претпладне, со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, а температурите ќе се движат од -1 до 3 степени.
Во понеделник следува продолжување на студениот период, со променливо облачно време и умерен, а долж Повардарието и во источните делови засилен северен ветер со брзина над 60 километри на час. Наместа ќе има услови за провејување на снег.
Утринските минимални температури ќе се спуштаат од -12 до -4 степени, додека дневните максимални ќе се движат во интервал од -6 до 3 степени.
