Врховен суд ја го одби како неосновано барањето на осудениот поранешен градоначалник на Битола, Владимир Талески, за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд и пресудата на Апелациониот суд Скопје за предметот „Транспортер“.

Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија донесе пресуда КВП-КОК2 бр.6/23 со која барањата на осудените В.Т. и С.Б. за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје КОК бр.30/17 од 31.03.2020 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КОКЖ бр.70/20 од 08.04.2022 година, ги одби како неосновани, а барањето на осудениот Ѓ.Т. за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје КОК бр.30/17 од 31.03.2020 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КОКЖ бр.70/20 од 08.04.2022 година, го отфрли како недозволено – се вели во соопштението од Врховен.

Предметот „Транспортер“ се однесува на злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола и со првостепената пресуда поранешниот битолски градоначалник доби осум години затвор. Уште десет други лица во овој предмет се осудени со затворски, а десет со условни казни. Првостепената одлука од Основниот кривичен суд во Скопје беше донесена на 31 март 2020 година.