Со аплаузи, овации и извикување на името беше пречекан професор д-р Сашко Јовев пред Државна Кардиохирургија со која раководи долги години. Oткако вчера официјално беше разрешен од министерот Меџити. Д-р Јовев се пожали дека имал притисоци и тврди дека не направил грешка за да биде разрешен. Тој ги повика надлежните да ја преиспитаат одлуката за неговото разрешување. Во емотивниот настап рече и дека „во оваа држава не се простува успехот“ и дека се гази по стручните достигнувања на успешните луѓе.
“Имав притисоци дека сум направил грешка во самиот протокол за настанот при отворањето на нова хибридна сала, единствена во регионот. Се случи да тоа беа уредно поканети сите, но единствено министерот за здравство не дојде, сметајќи дека нешто подоцна е дадена поканата за него, а порано за премиерот. Јас не можев да се мешам, тоа е Влада и они решаваат меѓусебе, а јас се најдов на средина. На крајот јас испаднав жртва, но и Кардиохирургија. Даваме лоша лекција на сите млади после нас” рече д-р Јовев.
Адвокатот на д-р Јовев тврди дека нема причина за негово разрешување. И најави тужба за министерот Меџити.Михаловски упати апел до колегите на професорот, ако не се обединат сега, втора шанса нема да има.
Пред Клиниката, имаше и пациенти кои беа дојдени да дадат поддршка за професорот. Тие со солзи во очите кажаа дека животот им го должат на доктор Јовев и тимот од Кардиохирургија. На протестот излегоа и вработени од Клиниката. Дел од нив, сметаат дека ваквото постапување е бркање од дома на разрешениот директор.
Меџити тврди дека нема политика во разрешувањето на д-р Јовев. И не сакаше да каже дали станува збор за одмазда.
„Апсолутно не, секаде кај ќе има злоупотреби со мене како министер ќе има и санкционирање“ – рече министерот Меџити.
Инаку, во официјалното решение за разрешување е наведено дека раководителот на Кардиохирургија дежурал двапати, без за тоа да биде известен министерот Меџити и тоа е една од главните причини зошто бил разрешен од функцијата.
По смената на професрот Јовев, социјалните мрежи се преполни со реакции од пациенти и медицински лица, кои го осудуваат потегот на министерот.