Самитот „Македонија2025“: Во фокусот вештачката интелигенција, образованието и улогата на дијаспората
Вториот ден од Самитот „Македонија2025“ донесе динамична програма со дискусии за иднината на образованието, револуционерното влијание на вештачката интелигенција врз индустриите и потенцијалот на дијаспората во економскиот развој на земјава.
Вештачката интелигенција и образованието – клучни теми на денот
Денот започна со панелот „Редефинирање на стратегиите за странски директни инвестиции“, модериран од Виктор Мизо. Се обратија експерти од Европа и регионот зборуваа за нови можности за економски раст. Веднаш потоа следуваше панелот „Образование на иднината“, на кој учествуваше и министерката за образование Весна Јаневска. Се отвори дебата за тоа како преку реформи и искористување на меѓународни искуства да се изградат генерации на лидери, мислители и иноватори.
Посебно внимание предизвика инспиративниот говор на Дао Џенсен, претседателка на Compass UOL. Таа зборуваше за упорноста и визијата во технолошкото претприемништво и за трансформативната моќ на вештачката интелигенција.
Награди за најуспешните студенти и нови перспективи за иднината
На свечена церемонија беа доделени награди за академска извонредност на 11 студенти од УКИМ со просек над 9,5, како дел од програмата поддржана од Фондацијата Атанас Близнакоф од САД.
Попладневната програма продолжи со две значајни сесии – „Нова ера: Како вештачката интелигенција го редефинира нашиот свет“ и разговор за економските трансформации во Саудиска Арабија. Овие панели понудија нови перспективи за глобалната улога на технологијата и стратешките партнерства.
На панелот за дијаспората, модериран од Џон Битов, се дискутираше за улогата на македонските иселеници. Тие се јавуваат како инвеститори и носители на економски развој.
Самитот како мост меѓу идеите и реализацијата
Извршната директорка на Самитот „Македонија2025“, проф. д-р Никица Мојсоска Блажевски, истакна дека вториот ден го потврдил значењето на самитот како платформа за идеи и партнерства:
„Самитот прераснува во место каде се поврзуваат луѓе од целиот свет, обединети од заедничка визија – посилна и поконкурентна Македонија. Панелите беа особено квалитетни, зборувавме за тоа како да изградиме генерации лидери, како да ја искористиме вештачката интелигенција на одржлив начин и како да ги мотивираме македонските таленти да се вратат дома или да инвестираат.“
Со овој втор ден, Самитот уште еднаш ја потврди својата мисија – да биде катализатор за економски развој, иновации и поврзување на македонскиот потенцијал со глобалните трендови.
Извор: А1он