Гласање во 32 општини и Градот Скопје
Граѓаните ширум земјата денеска повторно излегуваат на гласање за да го изберат локалното раководство во општините каде првиот круг не донесе конечна одлука. Според Државната изборна комисија, сите избирачки места се отворени навреме и гласањето се одвива без проблеми.
Во вториот круг се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, додека во општината Шуто Оризари ќе има и прегласување за советници на три избирачки места.
Според податоците од Избирачкиот список, право на глас имаат 1.013.375 граѓани, од кои 474.304 се запишани во Град Скопје.
Во општините Центар, Аеродром и Карпош, гласачите добиваат два ливчиња – едно за градоначалник на Скопје и друго за локалниот кандидат. Во Шуто Оризари, пак, се гласа и за градоначалник и за советници. Во останатите општини, изборниот процес е ограничен само на избор на градоначалник.
Гласањето трае до 19 часот
Избирачите можат да гласаат од 7 до 19 часот, со можност времето да биде продолжено доколку во моментот на затворање на избирачкото место има редица од гласачи.
Во случај на прекин на гласањето, според процедурите, гласањето продолжува за истото време колку што траел прекинот, но не подолго од три часа, и тоа со одлука на ОИК или ДИК.
Осми локални избори во земјата
Ова се осми по ред Локални избори во земјата и четврти на кои граѓаните истовремено избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје.
На Локалните избори 2025 (во двата изборни круга) учествуваат 22 политички партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи, односно независни кандидатури.
Изборниот процес се одвива под зголемено внимание на јавноста и институциите, кои најавија дека ќе обезбедат целосна регуларност и транспарентност на гласањето.
