Работната група за нови мерки за пензионерите денеска одржува втор состанок, информира министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Според неа, се работи интензивно  и споделени се сите материјали и анализи на ресорното Министерство и останатите институции.

Одговарајќи на новинарски прашања, Тренчевска рече дека очекува многу бргу да се подготват предлог мерки за подобрување на животниот стандард на пензионерите, како и нова законска одредба или нов закон за минимална пензија до крај на годинава.

-Се даде една недела да се размислува за можни мерки со коишто би се подобрил животниот стандард на пензионерите како и размислувања за измени и дополнувања на Законот за пензиско и инвалидско осигурување или пак носење на посебен закон за минималната пензија. Очекуваме многу бргу да ги имаме предлог мерките со коишто би го подобриле животниот стандард на пензионерите, да креираме социјални мерки. Се надевам дека до крајот на оваа година ќе ја имаме и законската одредба или пак нов закон зависно од дискусиите во рамки на работната група за минималната пензија, изјави Тренчевска, по конференцијата „Фемицид во Северна Македонија и Западен Балкан – Меѓународни стандарду и пракса на судовите“.

Првиот состанок на работната група формирана со одлука на Владата за изработка на законот за минимална пензија се одржа минатата недела.  Одлуката за формирање на Работната група беше донесена минатиот месец по серијата протести на пензионерите низ земјава со кои побараа линеарно зголемување на пензиите од 3.500 денари од септември годинава, како и минималната пензија да изнесува 18.000 денари.