ВМРО-ДПМНЕ во Кичево, СДСМ низ скопските општини
Втората недела од кампањата за локалните избори 2025 започнува денеска, со продолжување на претставувањата на кандидатите за градоначалници и советници. Во фокусот на денешните активности се митинзите и средбите со граѓаните на кои говори раководството на најголемите политички партии.
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе одржат средби и митинзи во општините Долнени, Македонски Брод и Кичево. Паралелно, караванот на СДСМ ќе биде во скопските општини Илинден, Петровец, Карпош и Центар.
Од граѓанската платформа „Независни заедно“ најавена е прес-конференција на која ќе се обратат независните кандидатки – Билјана Ивановска за општина Центар и проф. д-р Горан Марковски за град Скопје.
Настани во Гостивар и Карпош
Во Гостивар, своја прес-конференција ќе одржи кандидатот за градоначалник Висар Адеми. Во Скопје, на платото пред Млечен ресторан во Карпош, ќе се обратат кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ и коалицијата, Каја Шукова, и кандидатката за Карпош, Маја Мојсова.
Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека нивниот кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ќе одржи прес-конференција на мостот на реката Лепенец, во близина на Канал 5.