Тензии по изјавите меѓу Србија и Хрватска

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска реагираше на изјавата на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ дека „Вучиќ треба да внимава што зборува“, порачувајќи дека Хрватска треба да внимава што прави. Неговата реакција следува по размената на остри коментари меѓу двајцата лидери.

Како што објави Данас, Вучиќ за ова говорел за време на посетата на Бајина Башта.

Јас сум Александар Вучиќ и јас сум горд претседател на Србија. Хрватскиот претседател или кој било друг нема да ми диктира што ќе кажам. Сакаме и ќе имаме мир и многу подобри односи со нив, иако нема подли нешта што не ми ги кажале,“ рече тој.

Србија избра пат на мир и стабилност

Српскиот претседател истакна дека неговата политика е насочена кон зачувување на мирот и стабилноста, нагласувајќи дека граѓаните на Србија се тие што ќе одлучуваат за идното водство на државата.

Ве молам да им подадете рака на сите на секое место, за да покажете дека сакаме обединета Србија. Ние ги зачувуваме мирот и стабилноста, ги зајакнуваме капацитетите за одвраќање, ја градиме Србија и остваруваме економски напредок,“ додаде тој.

Претходно, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ ги оцени како „глупави“ изјавите на Александар Вучиќ дека Хрватска, Албанија и Косово наводно се подготвуваат за можни активности против Србија.