Најавите од Белград дека работата на НИС може да се соочи со сериозни предизвици наредните недели го ставија фокусот врз американската одлука за лиценца на НИС, која Србија сè уште ја очекува. Српскиот претседател Александар Вучиќ, говорејќи пред граѓаните во Мионица, порача дека апелот до Вашингтон е повторно испратен и дека земјата мора да биде подготвена за тежок период додека траат преговорите за иднината на компанијата.

„Сè уште не знам каква е американската одлука. Уште еднаш ги повикувам да донесат позитивна одлука. Не знам што е, уште еднаш ги повикувам. Што и да е, ќе имаме помалку проблеми отколку што некои мислеа. Секако, ќе има, нема да биде лесно и едноставно во следните 50 дена. Но, ние сепак ќе се справиме и ќе го издржиме, а вие ќе го почувствувате барем малку“, рече Вучиќ.

Во обраќањето пред присутните, тој истакна дека кризата околу лиценца на НИС е и показател за тоа како државата реагира под притисок , нагласувајќи ја важноста на моралот како политичка вредност.

„Но, ќе покажеме дека моралот е најважен за нас. Дека мислиме дека моралот е важен во политиката. Има некои во Србија кои велат дека моралот не е важен. Не, моралот е важен. Србинот е таков дури и кога работите се тешки, не само кога работите се лесни и убави“, додаде тој.

Вучиќ се наврати и на проблемот со снабдувањето со нафта, предупредувајќи дека Србија веќе речиси 50 дена не добила ниту капка суровина преку нафтоводот од Хрватска.

„Размислете која земја и колку земји во светот би можеле да се справат со тоа и колку земји би можеле да го издржат. И ние покажавме во целата оваа криза што сме и каков е нашиот карактер“, рече претседателот, додавајќи дека „првиот ден Хрватите ја исклучија можноста за прилив на нафта во Србија“.

 

РУСКИТЕ СОПСТВЕНИЦИ СЕ СОГЛАСИЈА: Уделот од 56,15% во Нафтената индрустрија на Србија (НИС) ќе биде продаден

 

Извор: Вечер