Вучиќ ги повика студентите од повеќе факултети на јавна дебата, а тие порачаа дека ќе разговараат само по распишување избори
Вучиќ ги повика студентите во блокада на јавен разговор и побара дебата што ќе се емитува на сите телевизии. Претседателот на Србија Александар Вучиќ преку видеообјава на Инстаграм истакна дека проблемите во земјата треба да се решаваат преку демократски дијалог, а не преку насилство.
„Ги поканувам претставниците на студентското-блокадерско движење на разговор и јавна дебата за визиите, да разговараме за нашите планови и програми за иднината и сите заедно да го осудиме насилството на нашите улици,“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека протестите траат веќе девет месеци и дека дел од граѓаните отворено бараат избори.
„Дел од луѓето во нашата земја сакаат промени. Прво го маскираа тоа со барања за правда, а потоа почнаа да зборуваат за политички промени и барања за избори, иако претходно ги отфрлија. И покрај сите лоши работи што ги мислам за нивните барања, мислам дека е многу важно да ги слушнеме и да се слушаме едни со други. Мислам дека е од клучно значење да се обнови дијалогот во нашата Србија,“ истакна Вучиќ.
На повикот на претседателот одговорија студентите во блокада од повеќе факултети. Тие на социјалните мрежи објавија дека нема да прифатат дебата пред избори. „Претседателот нè покани на јавна дебата. Очигледно, тој нема одговор на народниот бунт, па сега сака да разговара со нас, кои не нарекува терористи со месеци. Ќе дебатираме за визии и програми за иднината во предизборната кампања, кога ќе бидат распишани избори,“ порачаа студентите од Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград на мрежата „X“.