Ѓуро Мацут – лекар и професор на чело на новата влада

Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва официјално го предложи Ѓуро Мацут за мандатар за состав на новата влада на Србија. Мацут, по професија ендокринолог. Тој е редовен професор на Медицинскиот факултет во Белград, каде што и дипломирал, магистрирал и докторирал.

Вакум во власта по оставката на Вучевиќ

Мандатот за состав на нова влада следи откако по трагичниот напад врз студенти во Нови Сад, дотогашниот премиер Милош Вучевиќ поднесе оставка на крајот на јануари. На 19 март, Парламентот официјално ја констатираше оставката, со што и формално заврши мандатот на претходната влада.

 Рокот за формирање влада истекува на 18 април

Вучиќ најави дека новата влада ќе биде избрана најдоцна до Велики петок, велејќи дека ја очекуваат предизвици – од одбрана на националните интереси до продолжување на евроинтеграциите. Според него, клучните задачи ќе бидат справување со регионалните притисоци, решавање на даночните прашања со САД и враќање на довербата на странските инвеститори.

Вучиќ изрази поддршка и очекува стабилност

„Верувам дека Мацут има капацитети – стручност, посветеност и лични квалитети – за успешно извршување на функцијата премиер,“ изјави Вучиќ. Тој додаде дека новата влада ќе треба да обезбеди стабилност, толеранција и мир.

Политичка нестабилност во регионот и можен состанок со Трамп

Вучиќ истакна загриженост за ситуацијата во БиХ и Република Српска, посебно поради потенцијални одлуки за апсење на Милорад Додик, кои би можеле да имаат сериозни последици за регионот. Тој најави и можен состанок со американскиот претседател Доналд Трамп во текот на следниот месец, каде ќе се дискутира за царините од 37 отсто и можноста за нивно намалување.

Извор: Миа