Вучиќ, изјави дека државата ја зајакнува својата војска за да ја зачува слободата и независноста, а не за да напаѓа други земји

 

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека државата ја зајакнува својата војска за да ја зачува слободата и независноста, а не за да напаѓа други земји.

Говорејќи на предизборен собир во спортската сала во Аранѓеловац, Вучиќ порача дека граѓаните можат мирно да спијат, но дека никој не треба да помисли дека Србија може да биде покорена.

„Србија ќе остане слободна и независна и ќе ја чуваме со сета наша сила. Затоа ја зајакнуваме војската“, изјави Вучиќ.

Тој се осврна и на реакциите од регионот поради српското вооружување, коментирајќи ги изјавите на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ дека за тоа ќе го извести НАТО.

„Не мораш ти да го известуваш НАТО, јас ќе го известам. Не се срамам од она што српските раце го создадоа. За разлика од оние што сакаат да уништуваат српско оружје, јас сакам да ја зајакнам Србија“, рече Вучиќ.

Тој нагласи дека Србија нема намера да нападне никого, но предупреди дека државата нема да дозволи некој да ја заплаши.

Во говорот Вучиќ се осврна и на внатрешните политички тензии во земјата, тврдејќи дека во изминатата година и половина имало обиди за дестабилизација на Србија.

„Се обидуваа да ја срушат Србија, да ги поделат луѓето и семејствата, да ги свртат младите против постарите“, рече тој.

Вучиќ порача дека неговата политика е обединување на општеството и најави економски цели според кои до 2030 година просечната плата во Србија би требало да надмине 1.300 евра, а пензиите 750 евра.

Тој додаде дека ќе се обиде да најде начин најниските пензии да растат побрзо од останатите, со цел да им се помогне на најсиромашните граѓани.