Вучиќ најави илјадници вооружени роботи за српската војска и домашно производство

Српскиот претседател Александар Вучиќ соопшти дека српската војска ќе биде засилена со илјадници вооружени роботи, кои, како што рече, ќе бидат претставени на следната воена парада. Тој најави и почеток на нивно производство во текот на годинава, со поддршка што ќе ја побара од кинескиот претседател Шји Џинпинг.

Изјавата Вучиќ ја даде при посетата на Кинескиот културен центар во Белград, каде што му беше презентиран роботот „Лука“ на кинеската компанија „Агибот“.

„Оваа година ќе започне нивното производство и за тоа ќе побараме поддршка од кинескиот претседател Шји Џинпинг“, кажа Вучиќ.

Тој посочи дека ваквите роботи можат да носат значителна опрема и имаат широка примена.

„Ваков робот може да носи 20-30 килограми опрема, а тие кажаа дека во Кина имаат роботи кои можат да носат по 100 килограми. Таму имаат роботи во гранична контрола, на патиштата, а можат и да се вооружат. Така што, на следната воена парада ќе имаме илјадници вооружени роботи и со тоа дополнително ќе ја обезбедиме земјата“, рече Вучиќ.

Според него, Србија има потенцијал да стане една од првите земји во Европа што ќе произведува хуманоидни роботи.

„Тоа ќе биде една од најголемите инвестиции во Србија во историјата“, најави тој.