Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека не очекува брз крај на војната во Украина. Говорејќи на 62. Минхенска безбедносна конференција, рече дека клучниот спор меѓу Москва и Киев останува прашањето за териториите.
„Русите сакаат напишано на хартија дека нешто е нивно, а Украина не го прифаќа тоа“, изјави Вучиќ. Според него, токму ова е најголемата пречка за евентуален мировен договор.
Тој оцени и дека украинскиот претседател Володимир Зеленски е „ѕвезда само во Минхен“, алудирајќи на поддршката што ја добива на конференцијата. Вучиќ посочи дека германскиот канцелар Фридрих Мерц зазел остар став кон Москва и силно ја поддржал Украина.
Според српскиот претседател, Мерц зборувал за силна Европа и за амбицијата Германија да има најсилна армија на континентот. Вучиќ додаде дека ставот бил јасен – разговори со Владимир Путин не треба да има додека Русија не биде целосно исцрпена.
Тој изјави и дека разговорот со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта бил тежок, бидејќи отворил прашања за можен воен сојуз меѓу Тирана, Приштина и Загреб.
Од Минхен, Вучиќ најави и засилување на соработката со Кина, особено во областа на роботиката и вештачката интелигенција. Тој додаде дека во наредните денови ќе има средби со повеќе европски лидери и политички претставници.
