Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по средбата со претседателот на Франција, Емануел Макрон, во Париз изјави дека светот влегува во проблематична ера која ќе трае, и дека добро е што Србија има голем сојузник во Европа, како што е Франција.
Вучиќ за новинарите изјави дека со Макрон разговарал за геополитичките прашања и ситуацијата во регионот и Србија.
„Разговаравме за многу прашања за европската иднина на Србија и ја замолив Франција да учествува на Експо 2027 во Белград, мислам дека ќе добиеме позитивен одговор“, рече Вучиќ.
Претседателот на Србија изјави дека најтешка тема била ситуацијата во Република Српска (РС).
„Се борев да најдам компромисно решение, не можам да прифатам дека единственото решение е апсењето на (претседателот на РС Милорад) Додик. Тоа не е решение, тоа е создавање проблеми“, рече Вучиќ.
Вучиќ додаде дека ги презентирал своите идеи за решение на кризата без да прецизира кои се тие.