Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека не верува оти Србија може брзо да стане членка на Европската Унија, а изрази сомнеж и дека сите европски земји се подготвени да го поддржат членството на Украина. Изјавата ја даде по првата средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белград.

„Во овој момент не гледам можност за брз влез на Србија во ЕУ. Не верувам дека сите Европејци се наклонети и кон украинското членство. Тие секогаш наоѓаат некого да блокира. За нас, тоа се Хрвати, Бугари, Холанѓани. За Украина ќе бидат некои други“, кажа Вучиќ.

Тој истакна дека Србија го почитува територијалниот интегритет на Украина и дека Белград и Киев меѓусебно ќе се поддржуваат на патот кон Европската Унија. Сепак, според него, брзото членство на Србија е малку веројатно поради бројни политички причини.

Зеленски рече дека го разбира скептицизмот на Србија, но нагласи дека Украина, поради војната, нема време за таков пристап.

„Украина нема време за скептицизам, ние сме во војна и ситуацијата не е едноставна“, кажа Зеленски, заблагодарувајќи ѝ се на Србија за новиот пакет хуманитарна помош.

Вучиќ оцени дека војната во Украина нема наскоро да заврши и повтори дека Србија ќе помогне во обновата на еден помал украински град.

„Доста ќе вложиме во тоа и се надевам дека украинскиот народ ќе ја цени ваквата поддршка од српскиот народ“, рече Вучиќ.

Ова е прва средба меѓу Зеленски и Вучиќ откако Зеленски стана претседател на Украина. Србија е една од ретките европски држави што не воведе санкции кон Русија и официјално не испрати воена помош за Украина.