Српскиот претседател Александар Вучиќ предупреди дека светот се движи кон многу поголем воен конфликт и оцени дека досегашните обиди за создавање мир не дале резултат. Во подкастот „MD MEETS“, тој рече дека не очекува брзо смирување на глобалните тензии.
„Ако ме прашате што лично мислам, а нема да објаснувам зошто така мислам, мислам дека сме на почетокот на поголема војна. Затоа се надевав дека некој досега ќе направи нешто за да создаде мир. Тоа не се случи и нема да се случи наскоро. Тоа значи дека сме на работ на многу, многу поголема војна. Мразам што го велам ова“, изјави Вучиќ.
Одговарајќи на прашањето дали светот влегува во поголем судир меѓу Европа и авторитарни сили како Русија, Вучиќ зборуваше и за идниот распоред на моќта. Според него, државите сè повеќе ќе настојуваат да бидат независни и да ја намалуваат зависноста од други земји, додека САД и Кина ќе останат двете главни глобални сили.
„Не сум сигурен дали Европа ќе може, и се надевам дека ќе може, да се воспостави како трет столб. Четврто, ќе ги имате Русија, Индија и други огромни континентални или регионални сили“, рече Вучиќ.
Тој оцени дека новиот сојуз меѓу Турција, Пакистан и Саудиска Арабија дополнително ќе влијае врз глобалните поделби и ќе создаде поинаква политичка атмосфера. Според него, во следните пет години државите и натаму ќе ги дефинираат своите односи, но со „подеструктивни средства“ од оние што се користат денес.
