Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека вонредни избори во Србија ќе се одржат најдоцна во рок од три месеци, оценувајќи дека на нив ќе се одлучува иднината на државата. Изјавата ја даде на политички митинг во Белегиш, во општина Стара Пазова.
Вучиќ истовремено зборуваше и за економските резултати, тврдејќи дека Србија во првата половина од годината имала највисока стапка на економски раст во Европа според податоците на Евростат. Според него, следната година, со очекуван раст на БДП од 4,5 отсто, Србија би можела да биде „убедливо прва во Европа“, а таквиот раст го посочи како предуслов за зголемување на платите и пензиите.
„Не можете да ги зголемувате платите и пензиите врз основа на желбите на некој политичар… Благодарение на напорната работа на нашиот народ, го постигнавме тоа зголемување. Сакам да ги направам и нашите пензионери среќни, оваа година зголемувањето на пензиите целосно ќе ги следи платите, тоа е едно од нештата што не можевме да ги направиме претходно“, рече Вучиќ.
Тој се осврна и на надворешната политика, наведувајќи дека Србија и понатаму е единствената земја што не вовела санкции против Русија, а истовремено одржува добри односи и со Киев и со Москва. Според него, Србија мора да остане воено неутрална, но и да продолжи со јакнење на сопствените одбранбени капацитети.
„Србија мора да биде воено неутрална и силна… За силна армија, потребно е Србија да изгради фабрика за беспилотни летала со Израел. А со кого друг да ги произведуваме тие беспилотни летала? Кој е подобар од нив? И ако се произведуваат во Србија, тие ќе бидат наши беспилотни летала“, рече Вучиќ.
Вучиќ додаде и дека има голем обем работа околу подготовките за Експо 2027, како и инфраструктурни проекти, меѓу кои и замена на водоводни цевки во близина на Белегиш.
