Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека консултациите со претставниците на политичките партии ќе продолжат во понеделник, во рамки на разговорите за можни избори и политичката состојба во земјата.
Тој појасни дека, од формално-правен аспект, вонредните парламентарни избори најрано би можеле да се одржат на 31 мај, но не ја исклучи можноста тие да бидат закажани и за крајот на март следната година, кога веќе не би се сметале за вонредни.
По средбите со претставниците на Движењето на социјалистите, Сојузот на војводинските Унгарци и Странката за правда и помирување, Вучиќ истакна дека има дадено ветување за распишување избори пред крајот на годината.
„Ќе гледам, колку што е можно, да го исполнам своето ветување како и многу други, освен ако целиот свет не ни се сруши врз глава, бидејќи како што тргна работата, веќе ништо не може да се исклучи“, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека на средбите било разговарано и за европските интеграции, при што ставовите на политичките партии биле различни и нијансирани.
Според Вучиќ, како претседател има обврска да ги земе предвид сите мислења со цел да утврди што најдобро ги одразува интересите на Србија.
