Вучиќ кажа дека истовремено ќе почне и отстранувањето на барикадите од административните премини.

Српскиот претседател потврди дека српската страна во Брисел прифатила, како што соопшти ЕУ, компромисен предлог за деескалација на ситуацијата.

„Мислам дека дојдовме до некој вид компромисно решение, со кое сум задоволен и сметам дека е важен за нашата страна“, наведе Вучиќ.

– Предвидено е повлекување на РОСУ и тоа е показател дека во иднина таквите акции ќе наидат на отпор на српското население. Враќањето на КФОР во согласност со Резолуцијата 1244 е значајно и покажува дека е можно да се обезбедат гаранции за безбедноста на Србите, истакна Вучиќ.

Тој истакна дека нема да има одземање на српските таблички, односно наплаќање за привремени косовски таблички.

Вучиќ истакна дека, кога станува збор за влез на возила од Косово во централна Србија, останува истиот режим, што значи дека се ставаат лепенки за табличките на Косово, а дека при влезот на Косово српските таблички нема да бидат земани туку ќе се лепат лепенки преку амблемите.

– Не можеме да го дозволиме тоа и да кажеме дека постои држава Косово со грб, на тоа ставаме лепенка, но тоа нема врска со ова. Останува истиот режим што се однесува до централна Србија, кажа тој.

„Тие сега нема да ги отстрануваат табличките и да даваат пробни косовски таблички кои нашите луѓе би морале да ги носат сосе ознаките на Косово, туку преку нашите амблеми ќе ставаат лепенка. Тоа е сè што се менува“, додаде Вучиќ.