Српскиот претседател Александар Вучиќ во обраќањето на Самитот на „Отворен Балкан“ во Охрид, изјави дека тоа е иницијатива на луѓе од Балканот и изрази уверување дека ќе ја поддржат се повеќе граѓани на Северна Македонија, Србија и Албанија, но и други земји од регионот.
– Ова е нешто незапирливо, добра идеја и со текот на годините ќе има се повеќе поддржувачи. Секогаш сакам со суштина да ги исполнам нашите односи, затоа мислам дека е важно на следниот состанок веднаш да се формираат работни групи, кои предлагам да бидат некаде во јужна Србија, пред големиот самит што го имаме и саемските настани на крајот на летото во Белград. Да се договориме да формираме работни групи кои ќе се грижат како да се надминат тешкотиите со залихите на храна и во областа на енергетиката, како да си помогнеме меѓусебно за да ја преживееме зимата, бидејќи мислам дека тоа е од најголем интерес за сите граѓани на нашите три земји и целиот регион. Во формирањето на тие работните групи и на тие договори доколку сакаат да учествуваат добредојдени се претставниците на Црна Гора, БиХ, Приштина, кој и да сака, рече Вучиќ во своето обраќање.
Како што наведе тој, она што е важно е забрзување на сите заеднички проекти.
– Денеска потпишуваме договор за дипломи со кој ќе се забрзаат сите процеси околу работните дозволи. Ајде да видиме што друго бараат луѓето да направиме, да ги слушаме нашите стопански комори, што можеме да олесниме во трговијата со стоки, капитал, луѓе и услуги, што можеме да направиме за туризмот и привлекување српски граѓани во Албанија и Северна Македонија и да ги поканиме нашите пријатели Албанци и Македонци да ја посетат Србија, рече Вучиќ.
Тој посочи дека е горд што од иницијатива која никој не ја следеше, „Отворен Балкан“ денес прерасна во нешто за кое сите се заинтересирани во интерес на напредокот на целиот регион.
– Тоа е единственото нешто од за кое никој не може да не спречи, зависи само од нас. Од нас секогаш зависи нашиот однос со соседите. Очекуваме хеликоптери кои дополнително ги купивме специјализирани за гаснење пожари и ќе бидеме подготвени во секое време да интервенираме и да им помогнеме на нашите пријатели Албанци и Македонци, додаде српскиот претседател
Тој истакна дека очекува помош од Северна Македонија и од Албанија и во „некои други области и за некои други работи“. – Имам многу ентузијазам и надеж, амбиција и желба да направиме големи работи. Благодарност до (Габриел) Ескобар и Американците што ја поддржаа оваа иницијатива, рече Вучиќ, обраќајќи се при тоа до премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ и на претседавачот со Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија, кои денеска престојуваат во Охрид, како и до комесарот на ЕУ Оливер Вархеји.
– Дритан, Зоран, секогаш сте добредојдени, јас го немам тој извинувачки синдром да морам да кажувам секој ден дека ве молам да дојдете… Ако сакате да дојдете, дојдете, ако не сакате –тоа е ваша желба, никој нема да ве тера, не се ова некои други организации…, рече Вучиќ и додаде дека се надева оти ќе може да се организира самит во една од тие две земји до крајот на година.