Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва говори за српската радио-телевизија откако вчера во Брисел се одржа новата рунда дијалог меѓу Белград и Приштина. Тој рече дека вчера имало еден разговор во Брисел и најави дека ќе има уште.
-Имаше разговор, не се договоривме, ќе продолжиме, рече Вучиќ во емисијата „Таковска 10“ на РТС.
Тој изјави дека француско-германскиот план во меѓувреме станал европски предлог.
-Тој план на Европската унија дојде како идеја на Емануел Макрон и Олаф Шолц, тие донесоа хартија. Никого не прашаа, воопшто немаше можност за преговори, рекоа земи или остави… На луѓето секогаш им ја кажував вистината, а текстот на планот на ЕУ беше донесен без никаква можност за преговарање, вели Вучиќ.
Тој изјави и дека бил предупреден за последиците од неприфаќањето на предлогот, меѓу кои се и стопирањето на евроинтеграциите и директното повлекување на инвестициите.
-Дел од мојот тим очекуваше дека ќе излезат со најава дека Курти не е подготвен за ЗСО, а јас знаев дека тоа нема да се случи, ќе фалсификуваат, дека ќе има некоја избалансирана порака. Луѓето велат дека ние никако не реагиравме, и дека не сме дале приговори, што не е точно, рече тој за вчерашната средба.