Вучиќ налутено додал дека Белград бара повлекување на полицијата од северно Косово.
-Тоа е решение со кое тие ќе заборават 70 проценти од она што Албанците имаа намера да го направат на административната линија, но ќе воведат 20-30 проценти од мерките. Добив согласност од Советот за национална безбедност за отфрлање и го отфрлив затоа што ми е преку глава од политиката „можете така да разговарате со Србија, им рече Вучиќ на новинарите по седницата на Советот.
Специјалните полициски единици на Косово, РОСУ, вчера биле распоредени во близина на два премини во северно Косово – Јариње и Брњак , каде што го спроведуваат декретот на владата во Приштина за издавање привремени таблички на граничните премини за автомобилите што влегуваат во Косово од Србија со српски таблички.
Премиерот на Косово, Албин Курти, рече дека „воспоставувањето реципроцитет за поставување на привремени косовски регистарски таблички за автомобили со српски регистарски таблички не е желба на Косово, туку наметнување од Србија“.
Приштина останува на ставот дека акцијата е легитимна и дека одлуката е донесена „во договор со меѓународните партнери“, додека Белград инсистира дека акцијата е еднострана и надвор од потпишаните договори, но признава дека рокот од договорот од 2016 година истекол на 15 септември.
Ситуацијата на премините денеска е мирна, сообраќајот е во прекин, десетици граѓани се спроти полициските единици, но нема инциденти, јавуваат белградските медиуми од терен.
Вучиќ денеска им рекол на новинарите дека Србија „ќе продолжи да инсистира на зачувување на мирот, стабилноста“ и „нема да прифати да се загрози безбедноста на српското население“, нагласувајќи дека фокусот е на имплементација на Бриселскиот договор.
Тој нагласи дека, „како и да се реши“, сегашната криза ќе биде надмината „без понижување на Србија“.
-Јас сум тој што одби, не давам согласност за грубост, поддршка за криминал и понижување на Србија, рече Вучиќ, нагласувајќи дека Белград бара од ЕУ „да одговори дали Бриселскиот договор се уште постои“.
По денешната седница, Советот побарал повлекување на сите сили од северот на Косово и враќање на претходната ситуација, за потоа двете страни да се вратат на продолжувањето на преговорите во Брисел.
Србија е подготвена да го продолжи дијалогот, но нема да прифати наметнување еднострани одлуки од страна на Приштина, посочи Вучиќ.
Договорот за принципите за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина е постигнат во Брисел под покровителство на ЕУ и тогашната шефица на европската дипломатија Кетрин Ештон, а беше потпишан на 19 април 2013 година од тогашните премиери на Србија Ивица Дачиќ и на Косово, Хашим Тачи.
Договорот предвидува формирање на Заедницата на српски општини на Косово, што требаше да се формираат по локалните избори на 3 ноември 2013 година, што досега не е направено со противење од косовските власти и тврдење дека тоа би бил „ентитет со извршна власт како Република Српска”. во рамките на БиХ.