Александар Вучиќ, претседателот на Србија, одговарајќи на прашањето дали на средбата со специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина имало нови идеи за ситуацијата на Косово, изјавува: „има многу идеи, само снемува решенија“.

Тој на 30 август се сретна со специјалниот пратеник Мирослав Лајчак.

„Можевме да седиме и десет часа. Се плашам дека тешко може да се пронајде решение кога разговарате со луѓе кои не бараат решение, кога разговарате со луѓе од Приштина кои бараат причини за конфликти и напад врз српското население на северот на Косово и Метохија“, рече Вучиќ, за време на обиколката на реконструираниот пат Рашка-Нови Пазар, во југозападна Србија.

Вучиќ потенцираше дека овие работи „не ги кажува случајно“, бидејќи, вели, желбата на косовскиот премиер Албин Курти е да ги „избрка“ Србите од таму.

„Да не зборуваме колку илјадници милји сме далеку од формирањето на Заедницата на српските општини, на Приштина не и паѓа на памет дека тоа треба да се случи“, рече Вучиќ.

Лајчак на својот профил на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер) објави дека на 30 август разговарал со Вучиќ за „следната средба на високо ниво во септември, напорите за намалување на тензиите и одржување нови локални избори на северот на Косово, како и за спроведувањето на сите договори потпишани во текот на дијалогот“.

Оваа средба се одржа откако Лајчак на 28 август објави дека имал „важна средба“ со премиерот на Косово, Албин Курти, на маргините на Бледскиот стратешки форум, како дел од подготовките за следниот состанок на високо ниво, кој треба да се одржи во септември.

На 30 август, Европската унија го повтори својот повик до Косово и Србија да создадат клима за продолжување на дијалогот за нормализација на односите.

На 3 јуни ЕУ објави дека очекува Косово и Србија да се однесуваат одговорно и веднаш да се вклучат во дијалог за изнаоѓање одржливо решение за ситуацијата на северот на Косово.