Српската Републичка изборна комисија (РИК) на денешната седница ќе го утврдува редоследот на кандидатите на листата за претседател на Република Србија, јави дописникот на МИА од Белград. Претседателските избори, заедно со парламентарните и изборите за градот Белград ќе се одржат на 3 април.
РИК за претседателските избори прогласи осум кандидатури – Александар Вучиќ, како кандидат на коалицијата „Александар Вучиќ – Заедно можеме се“, Здравко Понош предложен од листата „Обединети за победа на Србија“, Милош Јовановиќ предложен од коалицијата НАДА (Национално демократска алтернатива), Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски како кандидат на Српската партија Заветници.
Во ждрепката ќе се најдат и Бошко Обрадовиќ, кој е кандидат на Патриотскиот блок, Билјана Стојковиќ, кандидатот на коалицијата „Мораме“, Миша Вациќ, кој беше предложен од Српската десница и Бранка Стаменковиќ на предлог на „ Суверенистите“.
Иако најавуваше, поранешниот српски претседател Борис Тадиќ не се кандидираше.
Вучиќ беше предложен од коалицијата „Александар Вучиќ – Заедно можеме се“ што ја сочинуваат Српската напредна странка, Социјалистичката партија на Србија и Сојузот на војводинските Унгарци. Кандидатот за втор мандат на претседател на Србија, Александар Вучиќ изјави дека изборите „не се игра“, дека државата „не е играчка“ и дека не е доволно граѓаните да седат пред телевизор и да мислат „како некој убаво зборува и сешто ветува“. -Неопходно е да бидеме заедно во ова тешко време, обединети, за да ја спасиме нашата земја и иднината на нашите деца, изјави Вучиќ во кампањата.
Актуелниот претседател активно ја коментира војната во Украина.
Србија е под „екстремен притисок поради тектонските промени на светската политичка сцена“, но државата ќе ги преземе „сите мерки“ за да го намали влијанието врз српската економија и политика, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.
Социјалистичката партија на Србија на Ивица Дачиќ и Радикалите на Воислав Шешељ веќе порачаа дека Вучиќ е и нивни кандидат и ги повикаа граѓаните да гласаат за него.
Здравко Понош е кандидат на опозициската коалиција Единствена Србија, собрана околу Партијата за слобода и правда, Демократската партија, Народната партија и Движењето на слободни граѓани. Понош кој е поранешен началник на Генералштабот на Војската на Србија, во кампањата изјави дека една од причините за неговата кандидатура е тоа што „Србија денес е држава на пропаднати институции“.
-Главната причина за тоа лежи во начинот на кој претседателот во заминување ја води државата, изјави тој кога ја поднесе својата кандидатура. Се кандидирав да ја извршувам должноста претседател на поинаков начин, како што е дефинирано со Уставот. Тоа секако значи дека претседателот на Србија не смее и не треба да шири паника, кажа Понош.
Милош Јовановиќ е кандидат на коалицијата НАДА, собрани околу Демократската партија на Србија, дел од Движењето за обнова на Кралството Србија и уште 25 здруженија на граѓани. Главната порака на досегашната политика на Јовановиќ беше промена на државното уредување на Србија. -Без разлика дали некому му се допаѓа монархијата или не, факт е дека круната е нераскинлив дел од српската историја, истакна Јовановиќ. Тој смета дека со отворањето на дебатата за монархијата, „наследството на Југославија, комунизмот, а денес европеизмот, конечно би се исфрлило од српскиот организам“.
Кандидат за претседател на Србија е и Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, еден од основачите на движењето Заветници. Односот кон Косово, за кое Заветници сметаат дека по секоја цена треба да биде дел од Србија е една од главните точки на програмата на Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски.
Бошко Обрадовиќ за претседателската функција доби поддршка од коалицијата Патриотски блок, која ја сочинуваат партиите Српското движење Двери и дел од Движењето за обнова на Кралството Србија. По кандидатурата рече „дека ги исполнува критериумите на граѓаните на Србија, бидејќи никогаш не бил на власт и зад него нема скандали“ и додаде дека се залага за семејните и традиционалните вредности. -Ќе се борам Косово и Метохија да остане дел од Србија, за Република Српска, за Србите во Црна Гора и за сите Срби во регионот, истакна тој.
Биљана Стојковиќ е кандидат на коалицијата Мораме, која ја сочинуваат Заедно за Србија на Небојша Зеленовиќ, Да не го давиме Белград, Еколошкото востание и уште 60-тина здруженија. Стојковиќ изјави дека само нејзината кандидатура е „веќе мала победа“. -Сега почнуваме политичка борба, активизмот од улица да го донесеме до институциите, додаде таа.
Миша Вациќ беше поддржан од листата на групи граѓани на српските патриоти.
Вациќ пред РИК пристигна со блиндиран џип од јапонско производство, со руски регистарски таблички, во колона од десетици возила со српско и руско знаме и поворка со факели. На џипот беше исцртана буквата Z (З), симбол што го користи руската армија за време на агресијата врз Украина.
Бранка Стаменковиќ беше поддржанa од Коалицијата на Сувернисти, која ја сочинуваат партиите Доста е, Здрава Србија и движењето Живеам за Србија. Стаменковиќ посочи дека „кабинетот на претседателот не смее да биде место каде што се води партиска политика, туку на државата и дека зачувувањето на Косово и Метохија во рамките на Србија и зачувувањето на Република Српска мора да бидат приоритети на секој претседател“.