Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека за консултации за новата влада се чека одлуката на правниците, за да се види дали е можно тоа да се направи пред истекот на неговиот прв мандат или мора да се сочека почнувањето на неговиот втор претседателски мандат, јави дописникот на МИА од Белград.
Одговарајќи на новинарски прашања, по средбата со менаџментот на автомобилската компанија „Стелантис“, Вучиќ изјави дека доколку е можно да се започнат разговори со политичките партии во текот на неговиот прв мандат, консултациите најверојатно ќе бидат во втората половина на мај, а доколку не, веднаш по полагањето заклетва во Народното собрание и почетокот на вториот претседателски мандат.
– Го чекам конечниот став на правниците, кога ќе завршат сите процедури, за да видам дали треба да го чекам истекот на првиот мандат на 31 мај, бидејќи дури тогаш ќе започне мојот втор претседателски мандат. Во зависност од тоа, ако е можно во рамките на првото, тоа би било во втората половина на мај, а ако не, веднаш штом ќе дадам заклетва во Народното собрание, изјави тој.
Вучиќ по средбата со компанијата „Стелантис“ најави дека во крагуевачкиот „Фиат“ ќе се произведува електричен автомобил од типот „фиат панда“.
Како што објасни, новата инвестиција во фабриката за автомобили во Крагуевац ќе биде вредна 190 милиони евра, од кои 48 милиони евра ќе бидат издвоени од републичкиот буџет.
Тој рече дека подготовките за производство на новиот модел на автомобил ќе траат до крајот на 2023 година, а производството во Крагуевац ќе започне во третиот квартал на 2024 година.
„Стелантис“ е мултинационална корпорација за производство на автомобили, една од четирите најголеми во светот и е формирана во 2021 година со спојување на италијанско-американскиот конгломерат Fiat Chrisler Automobiles и француската групација ПСА.