Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека по вчерашното гласање во Советот на Европа за членство на Косово во таа организација, ќе дојде до длабоки и суштински промени во надворешната политика на Србија, пренесува српска „Политика“.
Притоа Вучиќ посочи дека Србија не смее да си ги отсече рацете и да ги прекине односите со сите во светот.
„Им благодарам на Унгарија, Шпанија, Кипар, Романија, Азербејџан, Грузија, на луѓето што ги поддржаа меѓународното јавно право и Повелбата на ОН. Не смееме да заборавиме што направија за нас и секогаш мора да знаеме дека овие земји ни се поважни од сите други“, истакна српскиот претседател.
Според Вучиќ, Србија ќе донесе соодветни акти поврзани со безбедносната стратегија, како и со надворешната политика.
„Ќе работиме на тоа со тоа што ќе водиме сметка во надворешната политика да не излеземе од границите на реципроцитет во билатералните односи – ако некој не го почитува нашиот територијален интегритет, зошто ние да го почитуваме неговиот? Зошто по секоја цена да штитиме нечиј територијален интегритет ако тие се против нашиот. Тоа не се тектонски, туку длабоки и суштински промени во политиката и одговорен однос кон нашата земја“, рече Вучиќ.
Како што рече српскиот претседател, вчерашното воздржување во Советот на Европа било исто како да се гласа за членство на Косово.
„Не очекувајте да бидеме кучиња што ќе ви се поклонат и ќе молат за милост. Ќе има длабоки и суштински одлуки во однос на многу декларации и резолуции. На самитот на СЕ меѓу 15 и 20 мај се очекува сите 46 членки едногласно да се изјаснат за територијалниот интегритет на Молдавија и Украина, а тука е и Грузија, па ќе размислиме за нашата одлука. Одлуката мора да се донесе со консензус, нема да биде лесно да бидеме против. Ама да прејудицирам, ќе размислиме“, рече Вучиќ.
Истакнувајќи дека во СЕ има неопходно мнозинство и од членките на ЕУ и од земјите кандидати, кои без поговор ги слушаат Брисел и Вашингтон, српскиот претседател рече дека го изненадило само гласањето на Унгарија.
„Само одлуката на Унгарија беше неочекувана и јас бескрајно сум му благодарен на Орбан за тоа. Го замолив да ја разгледа позицијата на Србија и очекував да бидат барем воздржани. Тие се покажаа како најдобри пријатели и гласаа против. Им благодарам на Орбан и на Сијарто. Тоа го направија гласно“, вели Вучиќ.
За Грција, од друга страна, Вучиќ вели дека одлуката била очекувана врз основа на потезите од претходните месеци и години.