Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа од Брисел, по вечерата на министерот за надворешни работи на ЕУ, Жосеп Борел, со лидерите на Западен Балкан, изјави дека постои апсолутна потреба да се посвети на натамошниот напредок и работа на иницијативата „Отворен Балкан“, јави дописникот на МИА од Белград.
-Она што ми остави посебен впечаток е вредноста на „Отворен Балкан“, за што од сега не само што сум уште повеќе уверен, туку ќе бидам и апсолутно посветен на натамошната работа на напредокот на оваа иницијатива, за што имамвме апсолутно разбирање од преставниците на Северна Македонија и Албанија, за што сум искрено благодарен бидејќи и ние се наоѓаме во нималку лесна позиција, поради поинакви околности и ситуација која не е еднаква за сите, изјави Вучиќ за новинарите по средбите во Брисел.
Тој истакна дека јуни ќе биде интересен, бидејќи се очекува голем самит, кој Французите ќе го организираат на 23 јуни.
-Ќе биде многу интересно и за одлуките што ќе се донесат. Како да објасните дека немате позитивна одлука за нив (Северна Македонија), а има за некои за кои до вчера не се размислуваше. Ситуацијата не е едноставна и мораме да носиме рационални одлуки, посочи тој.
Утре ситуацијата ќе биде уште потешка, изјави Вучиќ посочувајќи дека Доника Гервала-Шварц на вечерата потврдила дека утре ќе поднесе барање за членство на Косово во Советот на Европа.
-Реков дека тоа е кршење на сите, не само на принципите на меѓународното јавно право, туку и на нормите од одредени договори, од резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН до Вашингтонскиот договор. Стана бесмислено да се каже дека повеќе од 3.210 дена не им паѓаат на памет (Косово), не само да ја примент, туку и да зборуваат за Заедницата на српски општини, кажа тој.
Вучиќ е убеден дека Косово ќе продолжи со тие иницијативи кои носат дополнителни турбуленции.
-Тие мислат дека украинската ситуација ја користат обвинувајќи ја Србија за продолжената рака на Русија. Мислат дека можат да ја искористат ситуацијата против Србија и да добијат повеќе отколку што очекуваа претходно, претставувајќи се како голем борец против рускиот тоталитаризам и наводниот фашизам, кажа тој и најави дека во следните 36 часа ќе закаже седница на Советот за национална безбедност.
-Ќе почнеме политички да реагираме. Ако некој мисли дека може да не уценува и да ја разбие Србија под притисок, тоа нема да оди така лесно, порача срспкиот претседател.