Претседателот на Србија Александар Вучиќ кажа денес дека Србија ќе знае што да прави ако (косовскиот премиер) Аљбин Курти се осмели да се обиде да ги протера Србите од Косово и Метохија.

„Да знаете дека и денес окупацискиот гаулајтер на северот на Косово и Метохија Аљбин Курти донесе одлука, по само неколку дена од оние срамни лажни избори кои ги одржаа, да го отворат мостот кој беше брана и чувар на интересите на нашиот народ на северот на КиМ, за Албанците од јужна Митровица да ја преземат и северна Митровица. Тоа е нивна долгогодишна идеја и многу години нашиот народ се спротивставуваше на тоа“, кажа Вучиќ.

„Зошто овој човек тоа го прави? Затоа што ќе зборува – па ние не сакаме гето, туку отворени градови, што лесно му проаѓа кај овие од Западот, а всушност единственото што го сака е да ги протера Србите од КиМ, ништо повеќе и ништо друго. И по секоја цена сакаат конфликти“, кажа српскиот претседател.

„Ќе направиме сè што е во наша моќ да го зачуваме мирот и ќе дадеме сè од себе да го чуваме мирот и никогаш повеќе ниедна мајка да не размислува кого испраќа во војна. Но ние им порачуваме – немојте ни да сонувате дека ќе успеете во своите намери да ги протерате или уништите Србите во кој било дел на КиМ, во тој случај ќе знаеме што да правиме“, порача Вучиќ.

Тој напомена дека во последните денови почнале притисоци Србија да не биде неутрална, бидејќи е една од ретките земји кои имаат своја политика – независна и слободна.

„Додека сум јас претседател и врховен командант, јас ви гарантирам, Србија нема да биде ни во НАТО ни во кој било воен блок. Србија ќе ја чува својата воена неутралност и својата слобода сама ќе ја брани. И тоа е нашиот избор“, кажа Вучиќ.

Тој кажа дека не може да гази преку изборот на неговиот народ, дека гледа во иднината и затоа повикува и со оние кои ја нападнаа Србија во 1999 година да имаат најблиски и најдобри можни односи, но дека некои линии мора да постојат.

„А тоа е линијата на љубовта кон Србија, линијата на слободата која никогаш и на никого не смееме да ја препуштиме, затоа Србија самата ќе се чува, ќе го брани своето небо, ќе ја брани својата земја и ќе ги брани своите луѓе“, порача српскиот претседател.