Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска во Будимпешта се сретна со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, и по тој повод порача дека секоја средба со него е важна, но дека денешната има посебна симболика.

– Денеска е големиот унгарски празник Свети Иштван, чиј живот, потекло и историска улога во тешките времиња на владеење, трајно ги одбележаа овие простори и ги поставија темелите на унгарскиот суверенитет, како и регионалните можности. Затоа денешната средба е посебна. Ви благодарам, драг пријателе Виктор Орбан, за оваа голема чест и искрено ви го честитам овој голем празник вам и на братскиот народ на Унгарија – порача Вучиќ на Инстаграм профилот „buducnostsrbijeav“.

Вучиќ, кој е во дводневна посета на Унгарија, денеска попладне ќе се сретне со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, кој исто така престојува во Будимпешта.