Саемот „Винска визија Отворен Балкан“ покрај Србија го организираат и Северна Македонија и Албанија, а Вучиќ изјави дека на овој вински фестивал ќе учествуваат и претставници на најмоќните француски винарии.

Вучиќ во директно вклучување во Дневникот на РТС кажа дека денеска за фестивалот разговарал со многу претставници од регионот.

-Разговарав за ова со сите луѓе од регионот. И со претставници на француски компании. Некои од најмоќните француски винарии ќе дојдат во Белград на „Винска визија“. Ќе биде величенствен и прекрасен. Ги поканувам сите луѓе во Србија да дојдат на саемот. Тоа де факто ќе биде трет или четврти по големина саем на вино во цела Европа. Значи, секако, тоа се Винитали, Дизелдорф и не сум сигурен дека има уште некој друг кој би можел да биде посилен од овој, изјави Вучиќ.

Тој нагласи дека на фестивалот покрај голем број винарии од Србија ќе учествуваат и бројни вински куќи од регионот и од целиот свет.

-Ќе има огромен број компании од странство, ќе бидат присутни 325 странски винарии. Меѓу нив, 66 од Северна Македонија, 21 од Албанија. Ќе бидат присутни и 300 винарии од Србија. Така да, секој ќе има можност да се претстави на еден несекојдневен настан, изјави Вучиќ.