Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, свика седница на Советот за национална безбедност за 19 часот, а потоа ќе и се обрати на јавноста на Дневникот на РТС, јави дописникот на МИА од Белград.
По последните изјави на претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ, кој најави дека премиерот на Косово Албин Курти, според информациите со кои располага, на средбата со безбедносните структури најавил дека вечерва ќе ги испрати „вооружени до заби специјалните единици РОСУ и други единици на северот на Косово да го прогонуваат нашиот народ и да ја спроведат ‘Олуја’“, претседателот Александар Вучиќ во 19 часот свика седница на Советот за национална безбедност.
– Го повикуваме КФОР да го спречи упадот на РОСУ на северот на Косово и Метохија, бидејќи нивното присуство во овие области е спротивно на сите важечки договори. Ова е моментот кога одговорноста е на КФОР и ЕУЛЕКС да го спречат хаосот што Курти го подготвува, наведе Ракиќ во објавата на Фејсбук профилот на Српската листа.
Во меѓувреме, премиерката на Србија Ана Брнабиќ реагираше на изјавата високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, дека групите на косовски Срби мора веднаш да ги отстранат барикадите, со порака дека барикадите на северот на Косово не го покажуваат само незадоволството и очајот на Србите на Косово.
– Тие се таму не само затоа што им се загрозени основните човекови права, туку и за да го заштитат Бриселскиот договор што го потпишавте и чија имплементација треба да биде гарантирана од ЕУ, напиша Брнабиќ на Твитер.
Според неа, барикадите се повик за мир и, исто така, повик за акција на меѓународната заедница да почне да си ја врши работата.
– Значи, да, помогнете му Албин Курти да ги отстранат барикадите и заедно со него ќе го отстраните сето она што остана од вашиот авторитет и кредибилитет, посочи таа.
Брнабиќ истакна дека Квинта, очигледно, заедно со Борел наведува дека барикадите на северот на Косово мора да се отстранат бидејќи се нелегални.
– Интересно е што не се толку гласни за незаконитоста на апсењето Срби, на пример на Дејан Пантиќ, кој вчера беше уапсен без никакви докази, или кога косовската полиција го прекрши Бриселскиот договор со влегување во општини со мнозинско српско население на север, вооружени со долги цевки, напиша таа.
Ана Брнабиќ истакна дека тие луѓе на барикадите јасно го изразуваат својот протест и тоа го прават мирно, а единствениот начин да бидат слушнати, за жал, е на барикадите.