Соговорниците се согласија дека на земјите од Западен Балкан им е потребно членство во Европската Унија, но и дека на ЕУ исто толку и е потребен Западен Балкан, бидејќи регионот е опкружен со границите на ЕУ, а земјите кои се стремат кон членство имаат заеднички европски вредности, се наведува во соопштението од кабинетот на српскиот претседател, во кое се додава дека Вучиќ, Заев и Рама „изразија желба четирите европски слободи – движењето на луѓето, стоки, услуги и капитал, да започнат да се спроведуваат што е можно побрзо низ целиот регион, и во овој контекст ќе дадат целосна поддршка за регионалниот заеднички пазар на Самитот на Берлинскиот процес, на 5 јули.“
– Свесни сме дека само со заедничка соработка и прифаќање на регионалната соработка во рамките на разни регионални иницијативи како што се заедничкиот пазар, регионалниот Шенген, зелените коридори или Берлинскиот процес, можеме да ги приближиме нашите економии, да ја зголемиме благосостојбата на нашиот народ и да донесеме големи инвестиции, кои би биле можни за секој од нас поединечно, е еден од заедничките заклучоци на оваа видео конференција.
Соговорниците се согласија да се сретнат во Скопје на 29 јули за да го разгледаат напредокот во спроведувањето на постојните иницијативи и проекти и да потпишат дополнителни договори меѓу трите земји во врска со спроведувањето на обврските од Берлинскиот процес, како и соработка и помош во случај на природни катастрофи олеснување за трговијата, извозот и увозот.
– Ги повикуваме и охрабруваме нашите колеги од регионот да потпишат и спроведат слични договори, така што визијата за заеднички политички и економски простор низ Западен Балкан наскоро, преку единствениот пазар, ќе стане важен дел од секојдневието на нашите граѓани, порачаа српскиот претседател и премиерите на Македонија и Албанија.
Соговорниците истакнаа дека и покрај одложувањата во процесот на проширување, тие ќе продолжат да се обидуваат да препознаваат нови начини, области на политики и финансиски инструменти, со цел сите три земји да го зголемат својот придонес кон Европа, да ги зајакнат врските со Европската Унија и постепено регионот да се интегрира во единствениот европски пазар.
Говорејќи за Зелената агенда, соговорниците упатија заеднички повик до Европската Унија и САД да им се придружат на земјите од целиот регион за поддршка на развојот на проекти во кои би можело да се инвестира што е можно поскоро, за подобрување на заштитата на животната средина и зголемување на широка употреба на обновливи извори, како дел од спроведувањето на Економскиот и инвестициски план на ЕУ и Зелената агенда за Западен Балкан.
– Нашите земји имаат огромен потенцијал за одржлив раст и развој на овој сектор. Ќе побараме практична поддршка за да откриеме кои проекти можат да го подобрат нашиот регион во однос на обновливите извори на енергија за нашите граѓани и за зелената енергетска иднина на ЕУ, истакнаа соговорниците за време на видео конференцијата „мал Шенген“ и заклучија дека само регионалното поврзување, со поддршка на Европската Унија, може да придонесе за целокупната стабилност и напредок на целиот регион и Европа.