Беа извршени детални претреси на прифатни центри за мигранти, како и на просториите во кои престојуваат, со цел пронаоѓање на нерегуларни мигранти и членови на организирани криминални групи вклучени во нивниот шверц, пренесуваат српските медиуми.
Според соопштението на МВР, министерот за внатрешни работи Александар Вулин заедно со републичкиот комесар за бегалци и миграции Владимир Цучиќ присуствувале на акцијата спроведена на територијата на белградската општина Савски Венац.
Вулин кажа дека осум полициски управи, во соработка со Безбедносно информативната агенција (БИА) и Комесаријатот за бегалци, како дел од меѓународната акција против илегалната миграција и борбата против трговијата со луѓе, направиле се во согласност со законот да илегалната миграција, а на прво место шверцерските банди, да се откријат и приведат пред лицето на правдата.
-Србија нема да биде паркинг за мигранти, Србија ќе ги почитува своите закони и очекува сите, без разлика на нашата хуманост и организираност, да ги почитуваат нашите закони. Нашиот секојдневен живот нема и не може да биде загрозен и нашиот живот не може да стане жртва и предмет на работа на шверцерските банди, изјави Вулин.
Полициски службеници од полициските управи во Белград, Суботица, Сомбор, Кикинда, Шабац, Краљево, Врање и Нови Пазар уапсија седум лица под сомнение дека организирале трговија со луѓе и откриле 991 нерегуларен мигрант кои ќе бидат префрлени во прифатните центри.